Продолжува идентификација на жртвите од железничката несреќа во Грција

Грчките тимови трет ден го пребарауваат местото каде што патнички воз се судри со товарен воз во вторник, на 28 февруари. Грчките власти соопштија дека досега утврдено е дека 57 лица загинале во несреќата. Силината на директниот судир и пожарот што следеше го отежнаа утврдувањето на бројот на жртвите.

Посмртните останки се предадени на семејствата во затворени ковчези, откако жртвите биле идентификувани со помош на ДНК примероци од најблиските.

Семејствата на патниците кои сè уште се водат за исчезнати чекаат пред болницата во централниот грчки град Лариса за нови информации.

Видете и ова: Протести во Грција по железничката несреќа

Во меѓувреме знамињата на парламентот и другите јавни згради во Атина се спуштени на половина копје. Прогласена е тридневна жалост, а железничкиот сообраќај е запрен втор ден поради штрајк.

Гневот на јавноста кон властите по трагедијата порасна поради извештаите дека железничката мрежа нема соодветни заштитни мерки за да се намали можната човечка грешка. Железничките синдикати велат дека мрежата е слабо одржувана и покрај надградбите на железничката услуга за да се овозможи побрзи возови во последниве години.

Грчката влада се очекуваше денеска да распише избори за почетокот на април, но тоа најверојатно ќе биде одложено. Патничкиот воз сообраќал по најпрометната рута во Грција, од главниот град до Солун, вториот по големина град во земјата.