Пекарите од утре ќе испорачуваат леб со замрзната цена, но и ќе ја тужат државата

Илустрација

Пекарската индустрија од утре ќе почне да испорачува бел и полубел леб од 33 денари, но ќе поведе и правна постапка за наплата на штетата што ја претрпува од владината одлука за замрзнувањето на цената на лебот.

Како што изјави денеска претседателот на Групацијата на мелничко пекарската индустрија Горан Малишиќ, компаниите максимално ги почитувале мерките за поддршка, а Владата донела неуставна и незаконска одлука со која до 31 мај ќе им нанесе штета од над 4,5 милиони евра.

„Битката со Владата продолжува на правна основа. Одлуките што таа ги донесе на месечно ниво ни прават штета од преку 1,5 милиони евра. Принудени сме Во наредните три месеци ќе бараме начин да опстанеме, а од утре ќе почнеме да испорачуваме леб за да им излеземе во пресрет на граѓаните“, потенцира Малишиќ.

Видете и ова: Имоти за политичари, за народот ни леб

Тој оцени дека Владата воопшто нема чувство за новонастанатата ситуација, и како што рече, уништува една од основните индустрии во земјата.

Владата на 28 февруари донесе одлуката да се замрзне цената на лебот, а се укинува и повластената цена на струја за прехранбената индустрија, откако анализите на Министерството за економија и инспекциските служби покажаа дека има злоупотреби, односно и покрај субвенционираната струја компаниите не ја намалиле цената не лебот. Во знак на револт од одлуката, пекарите не испорачуваа леб во маркетите и продавниците.