Премиерот Димитар Ковачевски најави дека денеска на средба со министрите за образование и внатрешни работи ќе разговара за какви дополнителни мерки да се преземат во врска со дојавите за поставени бомби во училиштата.
Ковачевски повтори дека станува збор за хибридни напади кои се дел од војната што се води во Украина.
„Денеска ќе имаме состанок со раководствата на министерствата за внатрешни работи и за образование, на кој ќе разговараме во однос на носење дополнителни мерки и за целосно неутрализирање на овој проблем со кој се соочува Северна Македонија, но и други држави, со цел да овозможиме редовна и непречена настава за учениците“, изјави Ковачевски.
Видете и ова: Онлајн настава заради дојавите за бомби - решение или уште поголем проблем?Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има” денеска испратила барање до Министерството за образование и наука да ја реши безбедносната состојба во училиштата, како што информира, „со временска рамка од 15 дена“.
„Ние, родителите, не сакаме реприза на пасивноста, анксиозноста и немањето волја за живот кај нашите деца. Затоа е време оваа власт да преземе одговорност, да ги седне на маса МОН, МВР и меѓународни сајбер-експерти и да го реши овој проблем. Во спротивно, ќе излеземе на протести и ќе ги искажеме и сите останати незадоволства“, стои во дописот на Граѓанската иницијатива.
Дојави за поставени бомби уште во октомври почнаа да стигаат на електронските адреси прво на училишта, а потоа и на други објекти, поради што Министерството за образование и наука предложи во оние училишта каде има дојави за бомби наставата да се спроведува онлајн.