Агенцијата за храна на Обединетите нации (ОН) објави дека индексот на цените на храната опаѓа 11 месеци по ред и моментално е за 19 отсто понизок од рекордно високиот индекс минатиот март, по почетокот на руската инвазија врз Украина.
Индексот на цените на Организацијата за храна и земјоделство (ФАО), која ги следи најтргуваните прехранбени производи во светот, минатиот месец изнесуваше 129,8 поени во споредба со 130,6 во јануари, објави агенцијата денeска. Тоа е најниско ниво од септември 2021 година.
Во месечното ажурирање се вели дека падот на индексот ги одразува пониските цени на растителните масла и млечните производи, што го неутрализираше наглото зголемување на цените на шеќерот.
Во друг извештај за понудата и побарувачката на житни култури, ФАО ја објави својата прва прелиминарна прогноза за глобалното производство на пченица во 2023 година, со годишен пад на 784 милиони тони, иако родот сепак ќе биде втор по големина досега.
„Во Украина, сериозните финансиски ограничувања, штетите на инфраструктурата и попречениот пристап до полињата во делови од земјата резултираа со проценето 40 отсто годишно намалување на површините со пченица во 2023 година, со многу под просечното производство на пченица што се очекува во 2023 година“, соопшти ФАО.
Падот беше делумно неутрализиран со очекуваното зголемување на производството во САД на 51 милион тони, при што високите цени го туркаа садењето на пченица на највисоко ниво од 2015 година.