На Русија не смее да и се дозволи да води војна неказнето, изјави денеска (03.03.2023), американскиот државен секретар Ентони Блинкен по средбата со неговите колеги од Индија, Јапонија и Австралија во Њу Делхи.
Таканаречената група Quad, во соопштението објавено по состанокот, исто така, наведува дека употребата или заканата за употреба на нуклеарно оружје во Украина е „недозволива“.
Кон крајот на минатиот месец, рускиот претседател Владимир Путин го суспендираше историскиот договор за контрола на нуклеарното оружје и се закани дека ќе ги продолжи нуклеарните тестови.
„Ако дозволиме Русија неказнето да го прави она што го прави во Украина, тогаш тоа е порака до потенцијалните агресори насекаде дека можеби ќе можат да поминат неказнето“, рече Блинкен на форумот во Индија.
Еден ден претходно во Њу Делхи, Блинкен се сретна со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, за прв пат од почетокот на конфликтот во Украина пред нешто повеќе од една година. За време на кратката средба, Блинкен ја повика Москва да ја прекине војната и да ја повлече својата суспензија на нуклеарниот договор СТАРТ, рече висок американски функционер.
Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека Лавров и Блинкен разговарале помалку од 10 минути и дека не учествувале во никакви преговори, пренесоа руските новински агенции.