Пекари и политичари
РОМАНИЈА - Романскиот премиер Николае Чука го претстави својот „нов почесен советник“ во својот кабинет - помошник со вештачка интелигенција. Главната задача на помошникот, именуван како Јон, ќе биде да ги анализира социјалните мрежи и да ја информира владата во реално време за предлозите и желбите на Романците.
ТУРЦИЈА - Колера и други заразни болести ги загрозуваат областите погодени од земјотресот во Турција доколку не се преземат итни санитарни мерки, предупредуваат лекарите во земјата, а пренесува „Хуриет дејли њуз“. Во земјотресот во Турција загинаа над 45 илјади лица, а милиони се погодени од катастрофата.
МАКЕДОНИЈА - Собранието во рамки на денешното продолжение на 104-тата седница ги избра Тирон Јајага за заменик-министер за одбрана, Викторија Аврамовска Мадиќ за заменик-министер за правда, Вјолца Бериша за заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Маја Манолева за заменик-министер за здравство и Агим Нухиу за заменик-министер за образование и наука.
РУСИЈА - Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека Русија претрпела „терористички напад“ во јужниот дел на Брјанск, кој граничи со Украина и вети дека ќе ја уништи, како што рече, украинската диверзантска група која пукала во цивили.
МАКЕДОНИЈА - Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) вчера и денеска извршил надзори и контроли во над 400 економски субјекти на ниво на цела држава при што утврдил дека генерално се почитува одлуката на Владата за замрзнување на цената на лебот од 450 грама на 33 денари.
МАКЕДОНИЈА - Овластениот вештак по електротехника Ирфан Шаќири на денешното рочиште за пожарот во модуларната болница во Тетово сведочеше дека електричната инсталација во болницата била изведена од двајца вработени во Клиничката болница, без никаков надзор од стручни лица. Тој посочи дека изведувањето на електричната инсталација во модуларната болница е реализиранo со недостиг на голем број на документи потребни за ваков тип на градба.
ИНДИЈА - Состанокот на највисоките дипломати на Групата 20 заврши без консензус за војната во Украина, рече Субрамањам Џаишанкар, министерот за надворешни работи на Индија, а јазот меѓу членките се продлабочи. Во разговорите доминираа војната во Украина и потезите на Кина да го зголеми своето глобално влијание.
СРБИЈА / КОСОВО / ЕУ - Портпаролот на Европската унија (ЕУ) Петер Стано повтори дека лидерите на Србија и Косово на средбата се согласиле дека повеќе нема потреба од дискусија за европскиот план и дека овој документ сега „стана Договор на патот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија“.
САД / РУСИЈА - Американскиот државен секретар Антони Блинкен и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров накратко се сретнаа на самитот на Групата 20, што е нивна прва средба по неколку месеци. Висок американски функционер рече дека Блинкен ја искористил дискусијата за да му пренесе трии работи на Лавров: дека САД ќе ја поддржат Украина се додека е потребно за да се стави крај на војната, дека Русија треба да ја повлече својата одлука да го прекине учеството во нуклеарниот договор Новиот СТАРТ и дека Москва го ослободува затворениот Американец Пол Вилан.
ГЕРМАНИЈА - Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска ја повика Кина да не и испраќа оружје на Русија како помош во војната против Украина, туку наместо тоа да ја притисне Москва да ги повлече своите војници од оваа земја, пренесоа британските медиуми.
ЕУ - Годишната стапка на инфлација во еврозоната падна на 8,5 отсто во февруари, објави денеска Агенцијата за статистика на Европската унија, но падот е помал од очекуваниот во време кога цените на храната растат. Годишната инфлација е забавена откако достигна врв од 10,6 отсто во октомври минатата година, но сепак е далеку над целта на Европската централна банка (ЕЦБ) од 2 отсто.
УКРАИНА - Украинските сили и денеска успеваат да ги задржат своите позиции во разурнатиот источен град Бахмут. Градот е под постојан напад на руските војници кои сакаат да ја постигнат својата прва голема победа по повеќе од половина година. Самиот Бахмут беше уништен, а таму живеат само неколку илјади од неговото цивилно население кое пред војната броеше 70 000.
МАКЕДОНИЈА - Проблемите кои настанаа во онлајн наставата се надминаа за неколку часa и кон ова пристапивме од нужност, иако сме против он лајн настава. Ова го изјави министерот за образование Јетон Шаќири, на денешната прес конференција, но не посочи детали околу тоа какви мерки ќе се преземат за надминување на дојавите и за продолжување со наставата во училиштата.
МАКЕДОНИЈА - И денеска на полиците во маркетите немаше леб. Пекарите остануваат на одлуката од понеделникот дека производство и испорака нема да има. Во изјава за МИА нивни претставници рекоа дека се подготвени за разговор со надлежните институции, но тогаш кога ќе добијат официјална покана.