Портпаролот на Европската унија (ЕУ) Петер Стано повтори дека лидерите на Србија и Косово на средбата се согласиле дека повеќе нема потреба од дискусија за европскиот план и дека овој документ сега „стана Договор на патот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија“.
„Она што исто така беше договорено е дека работата ќе продолжи, односно со дискусија за имплементација и конкретни чекори на патот кон нормализација на односите“, им изјави Стано на новинарите на редовната прес-конференција.
Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти на состанокот одржан на 27 февруари се договорија за текстот на европскиот предлог и за продолжување на дискусиите за имплементација на 11 точки од овој документ.
Видете и ова: Што содржи ЕУ предлогот на Договорот за нормализација на односите меѓу Србија и Косово?Ден подоцна, на 28 февруари, Вучиќ за јавниот сервис на Србија изјави дека освен членството на Косово во Обединетите нации, нема да ја прифати ниту неговата независност.
Во точката 4 од овој предлог се вели дека Србија нема да се противи на членството на Косово во ниту една меѓународна организација.
Во оваа насока се огласи и премиерот на Косово, кој го обвини претседателот на Србија дека го прекршил европскиот предлог за нормализација на односите меѓу Косово и Србија. Портпаролот на ЕУ Петер Стано одби да ги коментира изјавите на лидерите на Србија и Косово.