Од Скопје до Вухан

МАКЕДОНИЈА - Нема апанажа за функционерите кои ќе бидат разрешени или ќе си дадат оставка, одлучи Уставниот суд на седницата на 1 март. Уставните судии го укинаа членот 22 од Законот за плата и другите надоместоци на избрани и именувани функционери. Овој член предвидуваше - пратеник, функционер и раководен работник кој поднел оставка или е разрешен од должноста пред истекот на времето за кое е избран, именуван или назначен да ги има сите права како останатите функционери меѓу другото и право на надоместокот популарно наречен „апанажа”.

МАКЕДОНИЈА - На рекордно ниско ниво е довербата на македонските граѓани во Европската унија (ЕУ), покажува Анализата на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон ЕУ, изработена од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ и Фондацијата „Конрад Аденауер“.
На ваквите резултати влијаеле лански случувања на македонскиот пат кон ЕУ.

МАКЕДОНИЈА - Нема зголемување на цени на лекови од позитивната листа, соопштуваат од Министерството за здравство за МИА, одговарајќи на прашањето дали поскапуваат лековите што не се на товар на Фондот за здравство.

ФИНСКА - Финскиот Парламент денеска со големо мнозинство го усвои законот со кој на таа земја ѝ се овозможува да стане членка на НАТО независно од Шведска, односно двете земји да не мора истовремено да станат членки на Алијансата. За гласаа 184 пратеници во 200-члениот Парламент, седум беа против, а еден воздржан.

ТУРЦИЈА - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на 1 март изјави дека претседателските и парламентарните избори во земјата ќе се одржат на 14 мај, како што и било предвидено, што е малку повеќе од три месеци по разорниот земјотрес во кој загинаа повеќе од 45 луѓе во Турција.

МАКЕДОНИЈА - Со 62 гласа „за“ и ниту еден против или воздржан пратениците на 1 март во рамки на 104 седница на Собранието на Македонија ги разрешија замениците министри за одбрана Башким Асани, за земјоделство Абдулшуќур Абедини и за образование Љуљзим Алиу.

ЦРНА ГОРА - Премиерот на Црна Гора Дритан Абазовиќ од вториот Економски форум во Скопје упати охрабрување до Косово и Србија за изнаоѓање на конечно решение, со оценка дека тоа ќе биде силен поттик и за целиот регион.

МАКЕДОНИЈА - Во четвртото тримесечје од 2022 има негативен прираст, соопшти на 1 март Државниот завод за статистика, односно бројот на починати е за 616 поголем од бројот на живородени деца. Во четвртото тримесечје од 2022 година живородени се 4 427 деца и во споредба со истиот период од претходната година нивниот број е намален за 4,7 отсто. Бројот на умрените лица во четвртото тримесечје од 2022 година бележи намалување од 26,8 отсто во споредба со истото тримесечје од 2021 година, односно 5 043 лицa, од кои девет се умрени доенчиња.

МАКЕДОНИЈА - Пекарите си ја почитуваат одликата, па затоа нема бел и полубел леб на полиците во маркетите, велат претставници од пекарската индустрија за МИА. Тие во понеделникот најавија дека нема да прават леб ако Владата донесе одлука да ја замрзне цената не белиот и полубел леб од 450 грама на максимум 33 денари.

САД - Директорот на американското федерално истражувачко биро Кристофер Вреј денеска изјави дека Бирото верува дека вирусот ковид 19 „најверојатно“ настанал во „лабораторија контролирана од кинеската влада“. „ФБИ веќе долго време проценува дека потеклото на пандемијата е најверојатно потенцијален лабораториски инцидент“,изјави тој за американскиот медиум Фокс њуз. Кина демантираше.