На рекордно ниско ниво е довербата на македонските граѓани во Европската унија (ЕУ), покажува Анализата на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон ЕУ, изработена од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ и Фондацијата „Конрад Аденауер“.
На ваквите резултати влијаеле лански случувања на македонскиот пат кон ЕУ.
Во 2022, 64 проценти од населението позитивно би гласале за членство на Македонија во Унијата, тоа е речиси колку во 2019, кога имало 65 проценти поддршка што дотогаш беше најниска вредност.
Во 2019 Македонија го смени името, по барање на Грција, што беше еден од условите за да почне преговори за влез во Европската унија, но тоа не се случи, оти процеост потоа го блокираше Бугарија.
ЕУ со таканаречениот Француски предлог лани се обиде да ги одблокира евроинтеграциите, со што Бугарија го тргна ветото, а земјава почна преговори, но отворањето на поглавјата ќе се случи кога во македонскиот Устав ќе бидат внесени Бугарите, за што нема двотретинско мнозинство во Парламентот.
Категорично евроскептични се 11 отсто од населението.
Постои значителен јаз меѓу двете најголеми етнички заедници – етничките Македонци и етничките Албанци во земјата во нивото на поддршка за членство во ЕУ. Педесет и седум проценти од етничките Македонци го поддржуваат членството во ЕУ. Значително поголем процент од Албанците (79 отсто) се за членство во ЕУ.
Видете и ова: Европската десница зема замав, расте ли евроскептицизмот?Забележителен е пад на поддршката за членство во ЕУ кај симпатизерите на СДСМ, додека членството во ЕУ е поддржано од мнозинството симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ
Речиси половина од населението ги посочува опструкциите од соседните земји-членки на ЕУ како главна бариера за членство во ЕУ.
Институтот за демократија седма година по ред ја следи довербата на граѓаните во ЕУ. Највисока поддршка имало во 2014, од 80 проценти, а потоа поддршката со годините опаѓа.
Но, годинава се подобрува перцепцијата на луѓето кои кон ЕУ гледаат како на пријател.
„Сега гледаме на ЕУ како подобри пријатели. Тоа е секако и во контекст на украинската криза итн, на некој начин збивање, приклонување кон оние коишто се слични и коишто ќе те заштитат, меѓутоа тоа позитивно ниво на перцепција кон Унијата треба да се искористи за да се врати вербата на граѓаните дека некогаш оваа земја има перспектива да стане член. Тоа е она што е најинтересното, најновиот податок од ова истражување“, вели Марко Трошановски, директор на Институтот.
Осумдесет отсто од Македонците се противат на уставните измени
Тој нагласи дека поддршката за уставни промени останува да биде ниска, 65 проценти од популацијата е против уставни промени, а кај етничките Македонци противењето на уставни измени е 80 проценти, што, вели, е исклучително висок податок.
Третата интересна информација е дека поддршката за Берлински процес, договорите за мобилност, односно третирање на Балканот како еден регион и во таа смисла регионалната свест дека треба да се соработува и единствено така можеме да успееме е значително голема, односно мнозинството луѓе веќе стабилен период ги поддржуваат овие политики, рече тој.
Македонија е кандидат за членство во ЕУ од 2005 година.