Финскиот парламент одобри влегување во НАТО

Знаме на НАТО

Финскиот Парламент денеска со големо мнозинство го усвои законот со кој на таа земја ѝ се овозможува да стане членка на НАТО независно од Шведска, односно двете земји да не мора истовремено да станат членки на Алијансата. За гласаа 184 пратеници во 200-члениот Парламент, седум беа против, а еден воздржан.

Усвојувањето на овој закон не значи дека Финска автоматски ќе влезе во НАТО кога Турција и Унгарија ќе го ратификуваат нејзиниот прием во оваа организација, но донесува краен рок до кој Финска ќе чека на соседната Шведска истовремено да влезат во НАТО, пишува „Гардијан“.

Финска и Шведска во мај минатата година поднесоа барање за приклучување кон НАТО, како одговор на руската инвазија врз Украина. Финска има 1300 километри долга граница со Русија. За влез во Алијансата е потребна согласност од сите членки.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Анкара е подготвена да го поддржи приемот на Финска, но не и на Шведска, бидејќи во таа земја има луѓе кои Турција ги смета за припадници на терористички групи.

Видете и ова: Турција на 9 март ќе ги продолжи преговорите за Шведска и Финска во НАТО


Финска и Шведска сè уште чекаат одобрение за приклучување кон НАТО и од Унгарија, чиј Парламент денеска почна расправа за ратификација и може да гласа за одлуката во текот на овој месец.

Финскиот претседател Саули Ниинисто минатата недела изјави дека ќе го потпише овој закон, но дека тоа „од практични причини“ може да почека до изборите во април.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг минатата недела изјави дека сака двете нордиски земји да станат членки до самитот закажан за јули.