Премиерот на Црна Гора Дритан Абазовиќ од вториот Економски форум во Скопје упати охрабрување до Косово и Србија за изнаоѓање на конечно решение, со оценка дека тоа ќе биде силен поттик и за целиот регион.
„Црна Гора е најмалата земја во регионот и кога сте најмали имате интерес да одржувате добри добрососедски односи, да промовирате толеранција, мир и да придонесте за изнаоѓање решение за отворените прашања во регионот“, рече Абазовиќ.
Тој вели дека ја поддржува намерата на меѓународната заедница конечно да се постигне договор и да се потпише.
Црногорскиот премиер смета дека се потребни повеќе договори како тие постигнати во Берлин, во ноември, лани во рамки на Берлинскиот Процес. А потсетува и дека Подгорица дава поддршка и на иницијативата за Отворен Балкан, каде што не е членка.
Абазовиќ на форумот се сретна со премиерот на македонија Димитар Ковачевски. Форумот е една од најголемите регионални средби, во организација на Економскиот Форум од Делфи, Грција и на Грчката Бизнис Асоцијација во Северна Македонија, а во партнерство и соработка со домашните компании.
На средбата, како што информира владината прес-служба, двајцата премиери разговараа за билатералните односи, за што констатираа дека се пријателски и без отворени прашања.
Примерите ја потенцираа и успешната соработка во рамките на НАТО.