Односите меѓу Косово и Србија не се нормални и треба да се нормализираат, а нормализацијата може да се направи преку взаемно признавање, рече на 1 март косовскиот премиер Албин Курти, во обраќањето на Економскиот форум во Скопје.
„Ова беше кажано и од претседателот Бајден, секретарот Блинкен, канцеларот Шолц дека взаемното признавање е суштината и централната точка на целосната нормализација на односите. Ние се обидуваме и работиме напорно и го имаме како основ предлогот на Европската унија кој ни беше претставен и на мене и на претседателот на Србија, Александар Вучиќ и ние го прифативме текстот на тој предлог, го прифативме во двата главни града и во Брисел“, рече Курти.
Европската унија го објави текстот на предлогот за нормализирање на односите по средбата во понеделникот меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти во Брисел.
Видете и ова: Што содржи ЕУ предлогот на Договорот за нормализација на односите меѓу Србија и Косово?Тие треба да ги продолжат преговорите на 18 март во Скопје. Изборот главниот град на Македонија да биде домаќин е на предлог на шефот за надворешна политика на ЕУ Жозеп Борел. Според Курти изборот се должи на неколку работи - Скопје е најголемиот град во близина на Приштина, а има и голем импакт врз целиот регион, затоа што Северна Македонија напредува во однос на демократијата, владеењето на правото и во смисла на европската интеграција, рече Курти.
А во Македонија, поточно во Куманово е потпишан и таканаречениот Кумановски договор за капитулација на поранешниот српски претседател Слободан Милошевиќ и влезот на трупите на НАТО во Косово, па Македонија има симболична улога и затоа Борел не покани тука, рече Курти.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, доцна на 28 февруари изјави дека Србија е подготвена да работи на имплементација на многу работи од европскиот план за нормализација на односите меѓу Србија и Косово, но не и за признавање.
„Се работи за тоа дека не сакам и не можам да разговарам за меѓусебно признавање, признавање и влез на Косово во Обединетите нации“, изјави Вучиќ за јавниот сервис РТС на 28 февруари.
Тој наведе и дека ден претходно во Брисел било договорено да има повеќе разговори.
На маргините на Економскиот форум премиерот на Македонија Димитар Ковачевски се сретна со косовскиот премиер, Албин Курти.
Ковачевски му пренел на својот колега дека земјава ги поддржува евроатлантските аспирации на Косово и е подготвена да даде придонес во таа насока.
Македонскиот премиер вели дека Северна Македонија го поздравува предлогот на Европската унија за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија, со кој треба да се гарантира мир, стабилност, безбедноста и напредокот, не само на двете земји, туку и на регионот во целост, се вели во соопштението од владината прес-служба.
Ковачевски рекол дека отворените прашања треба да се решаваат низ дијалог.