Директорот на американското федерално истражувачко биро Кристофер Вреј денеска изјави дека Бирото верува дека вирусот ковид 19 „најверојатно“ настанал во „лабораторија контролирана од кинеската влада“.
„ФБИ веќе долго време проценува дека потеклото на пандемијата е најверојатно потенцијален лабораториски инцидент“,изјави тој за американскиот медиум Фокс њуз.
Ова е прва јавна потврда за доверливата проценка на ФБИ за тоа како се појавил вирусот на пандемијата.
Пекинг во реакцијата на ова тврдење, го обвинува Вашингтон за „политичка манипулација“.
Други американски владини агенции дошле до различни заклучоци од ФБИ, со различен степен на доверба во нивните наоди, јавува британскиот медиум Би-Би-Си.
Дел од нив тврдат, но со ниско ниво на сигурност, дека вирусот не потекнува од лабораторија, туку преминал од животните на луѓето.
Белата куќа соопшти дека нема консензус во американската влада за потеклото на вирусот ковид-19.
Заедничката истрага Кина и Светската здравствена организација (СЗО) кја стартуваше во 2021 година ја опиша теоријата за истекување во лабораторија како „исклучително неверојатна“.
Сепак, истрагата на СЗО беше длабоко критикувана и нејзиниот генерален директор оттогаш побара нова истрага, со ставот дека „сите хипотези остануваат отворени и бараат дополнителна истрага“.
Овие коментари на директорот на ФБИ, Вреј доаѓа на еден ден откако американскиот амбасадор во Кина ја повика земјата да биде „поискрена“ за потеклото на ковид- 19.
Во интервјуто во вторникот, Вреј изјави дека Кина „излезе од својот пат за да се обиде да ги спречи и замати“ напорите за идентификување на изворот на глобалната пандемија.
„И тоа е жално за сите“, рече тој.
Видете и ова: По инцидентите со шпионските балони, дали Кина и САД можат повторно да разговараат?По неговите коментари, портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи Мао Нинг излезе со демант.
„Заклучоците што ги донесоа немаат кредибилитет“, вели Нинг.
Некои студии сугерираат дека вирусот преминал од животни на луѓе во кинеската провинција Вухан, веројатно од пазарот за морска храна и диви животни во градот. Пазарот е 40 минути возење од водечката лабораторија за вируси во светот, Институтот за вирологија Вухан, кој спроведува истражување за коронавируси.
Тензиите во билатералните односи меѓу САД и Кина се зголемија по неодамнешната шпионска сага со балон. Американската пратеничка комисија неделава стартуваше серија сослушувања за „егзистенцијалната“ закана од владејачката Кинеска Комунистичка партија.