Град Скопје ќе им го исплати долгот на приватните превозници

Македонија - Приватни автобуси блокираат крстосница во Скопје, 5 декември 2022

Долг од 1,5 милиони евра Град Скопје ќе им исплати на приватните превозници, откако за тоа се договориле градоначалничката Данела Арсовска и приватните превозниците кои до неодамна беа дел од јавниот превоз во главниот град. Освен тоа, паднал договор и Градот да отвори јавен повик за сите превозници.

Членот на приватните превозници, Јовица Зафировски на прес-конференција на 1 март, рече дека јавните повици за сите линии ќе се објават во петок или во понеделник.

„На тој јавен повик ќе се пријавиме сите, нема причина да не се пријавиме, условите ни одговараат. Очекуваме дека до 20 овој месец ќе почнеме со работа, рече тој, појаснувајќи дека ќе има три јавни повици, односно три пакети и ќе бидат опфатени сите линии, меѓутоа, со нова прераспределба“, рече тој.

Зафировски рече дека засега немаат потпишано ништо туку ова им било презентирано усно.

Во врска со застареноста на некои од автобусите, Зафировски рече дека целата листа на автобуси е доставена до Град Скопје и дека градоначалничката изразила подготвеност да ги субвенционира во тој дел.

Приватните превозници во ноември 2022 година престанаа да бидат дел од градскиот јавен превоз поради долгови што бараа да им бидат исплатени од Град Скопје. Кон крајот на ноември и почетокот на декември со повеќе од 300 автобуси паркирани на клучните крстосници го блокираа Скопје.

Во меѓувреме градските власти ги отфрлаа наводите дека им должат пари, но инспекцискиот надзор покажа дека Град Скопје не е во право.

Видете и ова: Арсовска- Никогаш не се откажав од БРТ, проектот е во почетна фаза

Јавниот градски превоз, во меѓувреме продолжи да сообраќа само со автобусите на ЈСП, а Град Скопје објави два огласи за приватни превозници на кои не се пријави ниту една компанија.

На огласите можеа да се пријават превозниците но само индивидуално за а добијат линија за автобуски превоз. Претходно тоа можеше да го прават само здружено, преку компаниите за пакет линии.