Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис од денеска до петок прогласи тридневна жалост во Грција по железничката несреќа.
Најмалку 36 луѓе го загубија животот, а десетици се повредени и однесени во грчките болници по синоќешниот судир на патнички и товарен воз кај месноста Темпи, во близина на грчкиот град Лариса.
Грчките медиуми објавија дека меѓу 350 патници во возот, поголемиот дел биле студенти кои по продолжениот викенд се враќале или дома во студентските кампуси.
Според официјалните информации од портпаролот на Противпожарната служба на Грција Василиос Ватракојанис операцијата за пронаоѓање на исчезнати е во тек и акцијата е фокусирана на првите три вагони.
Медиумите во Грција коментираат дека станува збор за една од поголемите, ако не и најголемата железничка несреќа во Грција.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Нема повредени или загинати македонски државјани во железничката несреќа која се случи синоќа во близина на грчкиот град Лариса, соопшти македонското Министерство за надворешни работи (МНР) на 1 март.
МНР останува отворено за реакција на барање на наши државјани, кои поради било какви причини предизвикани од несреќата им е потребна итна асистенција и информира дека на располагање се три броја на нашите дипломатски претставништва во Грција.