Леб и ракети

МАКЕДОНИЈА - Просечно висока или средна е заканата за терористички напади во Македонија, оценува американскиот Стејт департмент во најновиот извештај за тероризам во светот за 2021 година. Во него се наведува дека главниот контратерористички проблем на Северна Македонија во 2021 година беа враќањата на странските борци од Сирија и Ирак.

РУСИЈА - Беспилотно летало се урна во московскиот регион, веројатно во обид да ја гаѓа цивилната инфраструктура, изјави денеска регионалниот гувернер Андреј Воробјов. Неговата изјава доаѓа по известувањето на руското Министерство за одбрана за соборувањето на два украински беспилотни летала во јужна Русија. Украина не ја презеде одговорноста за нападите во Русија.

САД - Пратеникот на Соединетите Американски Држави за Западен Балкан, Габриел Ескобар не ја исклучува можноста Русија да се меша во предизборната кампања за претседателските избори во Црна Гора.

ШВАЈЦАРИЈА - Светската здравствена организација (СЗО) ќе ја поддржи Турција по земјотресите во кои загинаа повеќе од 50.000 луѓе, изјави директорот на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус.
„Турција дава се од себе, но сè уште е потребна меѓународна поддршка за да им се помогне на жртвите од земјотресот“, рече тој, пренесе Ројтерс.

УКРАИНА - Руската офанзива на исток сè повеќе се повеќе се нулира во градот Бахмут во Доњецк, соопшти денеска украинската војска, при што претседателот Володимир Зеленски предупреди дека ситуацијата станува „исклучително тешка“ за украинските бранители на градот.

ЕУ / СРБИЈА / КОСОВО - Портпаролот на Европската унија, Петер Стано, потврди дека лидерите на Србија и на Косово го одобриле европскиот предлог за нормализација. Стано рече дека она што било договорено на средбата е дека нема потреба од понатамошни разговори за содржината, за текстот на предлогот и дека ЕУ ќе работи со двете страни на имплементација.

МАКЕДОНИЈА - Белиот и полубелиот леб од 450 грама ќе се продаваат по 33 денари, откако Владата ја замрзна цената на денешната владина седница. Донесена е и одлука да се укине повластената струја за компаниите од прехранбената индустрија.
Таква можност имаа компаниите од 1 декември 2022, но потоа анализите покажале дека иако имаат повластена струја не ја намалиле цената не лебот.

БЕЛГИЈА - Шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, вели дека Украина ќе стане членка на Алијансата на „долгорочен план“, но истакна дека прашањето сега е земјата да остане независна во соочувањето со руската инвазија.

МАКЕДОНИЈА - Се одложи денешното рочиште против доктор Жан Митрев и неговата болница, оти не бил комплетиран правниот тим на одбраната. Пред денешното судење Митрев рече дека верува во институциите на државата и ќе ја докаже вистината.

МАКЕДОНИЈА - Основниот суд во Охрид денеска одлучи да го одложи првото рочишта за нападот врз Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“. Судот го прифати барањето на одбраната на обвинетите за одложување, затоа што во судот не беше пристигнат оштетениот, односно Пендиков.

САД - Американските сојузни агенции треба да се осигураат дека нивните уреди веќе ја немаат апликацијата ТикТок, а за тоа имаа рок од 30 дена, објави синоќа Канцеларијата за управување и буџет на Белата куќа.