СЗО ѝ вети поддршка на Турција за земјотресите

Dиректорот на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус.

Светската здравствена организација (СЗО) ќе ја поддржи Турција по земјотресите во кои загинаа повеќе од 50.000 луѓе, изјави директорот на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус.

„Турција дава се од себе, но сè уште е потребна меѓународна поддршка за да им се помогне на жртвите од земјотресот“, рече тој, пренесе Ројтерс.

Во земјотресите, кои ги погодија Турција и Сирија во последните три недели, загинаа повеќе од 50.000 луѓе. Повеќе од 108.000 луѓе се повредени во Турција, оставајќи милиони во засолништа и шатори, јавува Ројтерс.

Видете и ова: Навивачите на Бешикташ и Фенербахче бараат оставка од турската влада

На прес-конференција со турскиот министер за здравство Фахретин Коџа во еден од најтешко погодените градови, Антакија, директорот на СЗО истакна дека разговарале и за здравствената состојба во привремените кампови.

„Таму има многу респираторни инфекции, како и проблеми со менталното здравје, бидејќи многу луѓе се трауматизирани и имаат потреба од услуги за рехабилитација, особено ортопедски услуги“, рече Гебрејесус.

Последниот последователен потрес, со јачина од 5,6 степени според Рихтеровата скала, ја погоди Турција во понеделникот, при што загинаа двајца, а беа повредени 140, соопшти Агенцијата за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД), додавајќи дека уште 32 лица се спасени од урнатините.

Повеќе од 160.000 згради со 520.000 станови се урнаа или беа тешко оштетени во земјотресот во Турција Претседателот Реџеп Таип Ердоган вети дека ќе ги обнови уништените домови во рок од една година.