Портпаролот на Европската унија, Петер Стано, потврди дека лидерите на Србија и на Косово го одобриле европскиот предлог за нормализација.
Стано рече дека она што било договорено на средбата е дека нема потреба од понатамошни разговори за содржината, за текстот на предлогот и дека ЕУ ќе работи со двете страни на имплементација.
„Секако дека ние како Европска Унија ќе им помогнеме. Ние ќе продолжиме да даваме поддршка. Тие го одобрија предлогот. Тие се согласија дека нема потреба од дополнителни дискусии за документот и дека можеме да преминеме во следната фаза“, објасни Стано на редовната прес-конференција.
Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти се сретнаа во Брисел на 27 февруари за да разговараат за предлогот на ЕУ за дијалог.
Се очекуваше лидерите да се изјаснат за прифаќање на овој план.
Видете и ова: Косово подготвено да го потпише европскиот предлогНа крајот од средбата Курти рече дека има договор за содржината на европскиот предлог, додека српскиот претседател, избегнувајќи да се изјасни за планот, само рече дека е можно да се постигнат некои компромиси и дека се работи на имплементација на постоечките договори.
Домаќинот на лидерската средба, европскиот дипломат Жозеп Борел, на крајот од средбата потврди дека двете страни изразиле подготвеност да продолжат со спроведувањето на договорот.
Стано повтори дека повеќе не се потребни дополнителни дискусии за европскиот документ и дека сега се работи на модалитетите за спроведување на договорот.
По средбата, Европската Унија за прв пат го спроведе предлогот што учесниците во дијалогот го добија есента 2022 година.
Тоа е предлог кој би довел до сеопфатен договор за нормализација.
Видете и ова: Што содржи ЕУ предлогот на Договорот за нормализација на односите меѓу Србија и Косово?Планот на точки предвидува еднакви права на Србија и Косово, почитување на територијалниот интегритет и неповредливост на границите, признавање на државните симболи и отворање на дипломатски претставништва на Србија и Косово во седиштата на тие земји.
Во планот не се споменува можноста за членство на Косово во Обединетите нации, но експлицитно е наведено дека Србија нема да се противи на членството на Косово во ниту една меѓународна организација.
Прашањето за формирање на Заедница на општини со српско мнозинство на Косово, иако не под тоа име, се споменува во смисла на „соодветно ниво на самоуправа на српската заедница на Косово и способност за давање услуги во одредени области, вклучително и можноста за финансиска поддршка од Србија и директен канал за комуникација на српската заедница до Владата на Косово“.