Косовската страна беше подготвена да го потпише предлогот на Европската унија на лидерската средба во Брисел, но српската страна не беше подготвена за тоа, изјави косовскиот вицепремиер Бесник Бислими.
Договорот што го предлага Европската унија е за нормализацијата на односите меѓу двете страни
„Потпишувањето на (европскиот предлог) ќе ја зголеми релевантноста на документот како политичка обврска. Немаше волја од другата страна да го потпише“, рече Бислими на 28 февруари.
Тој зборуваше во Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент.
Осврнувајќи се на лидерската средба одржана ден претходно во Брисел, Бислими потврди дека страните се согласиле дека повеќе нема да се фокусираат на европскиот предлог туку на друг, според него, „многу поважен дел од документот поврзан со имплементацијата“.
„Треба да ги отстраниме нејаснотиите и да ги прецизираме сите обврски за сите три страни (Косово, Србија и гаранциите на европските посредници). Треба да одлучиме за редоследот на активностите, да ги прецизираме роковите и временските рамки за секој чекор и каков би бил механизмот за следење како и потенцијалните последици за непочитување на едната или на двете страни“, рече Бислими.
Бислими, кој е и главен косовски преговарач во дијалогот со Србија, рече дека европскиот предлог не вклучува „клучна точка“ што се однесува на ставот на петте европски земји кои не ја признаваат независноста на Косово. Тоа се Романија, Шпанија, Кипар, Словачка и Грција.
Лидерите на Србија и на Косово на 27 февруари се договорија да продолжат со дискусиите за спроведување на европскиот предлог за дијалог.
Што соджри договорот прочитајте во продолжение: