Одложено рочиштето за Жан Митрев, болницата со блокирана сметка

доктор Жан Митрев

Се одложи денешното рочиште против доктор Жан Митрев и неговата болница, оти не бил комплетиран правниот тим на одбраната.

Пред денешното судење Митрев рече дека верува во институциите на државата и ќе ја докаже вистината

„Се што очекуваме е фер судење, а заедно со адвокатскиот тим ќе ја докажеме вистината“, рече Митрев.

Тој и неговата клиника се обвинети за измама, односно дека прикривал клучни факти при користење на метод на хемофилтрација при лекување на пациенти болни од ковид, иако не смеел да го прави тоа.

Во меѓувреме од Клиниката „Жан Митрев“, на 28 февруари, соопштија дека еден ден претходно Кривичниот суд донел решение за определување предлог-мерки кои предвидуваат целосно блокирање на сметките на болницата.

Како што информираа од Основното јавно обвинителство Скопје за овој предмет, не станува збор за „измама на пациенти“, односно совесноста и несовесноста на лекувањето не е предмет на ова кривично дело, туку за класична измама, односно прикривање на клучни факти во однос на хемофилтрацијата, метод за кој пациентите не биле јасно информирани за сите негови позитивни и негативни ефекти, со што тие биле доведени во заблуда, а со цел противправно прибавување на имотна корист.

Видете и ова: Закажано првото судско рочиште по обвинението против Жан Митрев

Обвинетиот, во периодот од јуни 2020 година до јуни 2022 година за да се стекне со повеќе пари за болницата со прикривање факти ги довел во заблуда оштетените пациенти лекувани во болницата од ковид – 19, кај кои е извршена хемофилтрација и членови на нивните семејства. Од нив вкупно се земени 1,57 милиони евра.

Обвинетиот на пациентите и во јавноста прикажувал дека методот хемофилтрација е одобрен да се применува и е ефикасен за лекување од Ковид-19, притоа користејќи ги приликите на здравствената криза предизвикана од пандемијата.

Обвинителство отвори предмет за „Жан Митрев“, по документарниот филм „Нечиста крв“ на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ).