Американските сојузни агенции треба да се осигураат дека нивните уреди веќе ја немаат апликацијата ТикТок, а за тоа имаа рок од 30 дена, објави синоќа Канцеларијата за управување и буџет на Белата куќа.
Членови на американскиот Конгрес ја сметаат апликацијата, чиј сопственик е кинеската компанија „Бајт денс“ (ByteDance), за закана за националната безбедност и кон крајот на декември изгласаа забрана за нејзина употреба на уредите на вработените во сојузната администрација.
Претседателот Џо Бајден ја ратификуваше забраната на почетокот на јануари.
Забраната не се однесува на американските органи кои не зависат од федералната влада, ниту на милиони поединци кои користат ТикТок.
Западот се повеќе ја проучува исклучително популарната платформа за кратки видеа, стравувајќи дека Пекинг преку неа би можел да дојде до податоци за корисници од целиот свет.
Пред неколку дена, и Европската комисија донесе слична одлука за забрана на апликацијата ТикТок од своите вработени за да ја „заштити“ институцијата.
Владата на Канада исто така објави дека ќе забрани ТикТок на мобилните телефони кои им ги дава на своите вработени, наведувајќи „неприфатлив ниво на ризик“ за приватноста и безбедноста.
ТикТок е меѓу забранетите апликации во Индија од 2020 година.
Со над една милијарда активни корисници во светот, ТикТик е на шесто место на листата на најкористени социјални платформи, според последниот извештај од јануари на „Ви ар сошал“ (We Are Social), кои го следат развојот на дигиталниот сектор.
ТикТок во ноември призна дека некои негови вработени во Кина можат да пристапат до податоците од европските корисници, а во декември призна дека вработените ги користеле тие податоци за да следат новинари. Сепак, компанијата негира дека кинеската влада има каква било контрола или пристап до нејзините податоци.