Блинкен во Централна Азија во ек на зголемени тензии поради Украина

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен и казахстанскиот претседател Касим-Жомарт Токаев во Астана

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен на 28 февруари пристигна во главниот град на Казахстан, Астана, каде ќе се сретне со министрите за надворешни работи на петте централноазиски републики - Казахстан, Киргистан, Таџикистан, Туркменистан и Узбекистан.

Пред да замине, Блинкен на Твитер напиша:

„Со нетрпение очекувам да ги унапредиме нашите централноазиски партнерства“.

Видете и ова: Казахстан смета дека кинескиот мировен план за Украина „вреди да се поддржи“

На состанокoт, Блинкен ќе ја нагласи „посветеноста на САД на независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на земјите од Централна Азија“, се вели во соопштението на Стејт департментот што ја отсликува формулацијата што ја користи за поддршка на Украина во борбата против Русија.

Ниту една од петте поранешни советски републики во Централна Азија, кои традиционално се сметаат за дел од сферата на влијание на Кремљ, јавно не го поддржа нападот на Русија врз Украина.

Казахстан е домаќин на десетици илјади Руси кои побегнаа од воениот повик минатата есен. Казахстанскиот претседател Касим-Жомарт Токаев разговараше на телефон со украинскиот претседател Володимир Зеленски три пати откако руските трупи влегоа во Украина минатиот февруари, повикувајќи на дипломатско решавање на конфликтот во согласност со „повелбата на ОН и општоприфатените норми на меѓународното право“.

Сепак, сите пет централноазиски републики, заедно со Индија, која Блинкен ќе ја посети во рами на ова патување, беа воздржани во гласањето за осуда на инвазијата минатата недела на Генералното собрание на ОН на првата годишнина од војната.

Видете и ова: Блинкен - Руската инвазија на Украина е стратешки неуспех


Американските власти се надеваат дека Блинкен може да ги убеди централноазиските земји дека руската инвазија на Украина е закана за нив.

Блинкен ќе отпатува за Узбекистан подоцна на 28 февруари. Тој, исто така, треба да присуствува на состанокот на Г20 во Индија.