Премиерот Димитар Ковачевски е подготвен да биде домаќин на средбата на претседателот на Србија Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти, како дел од преговорите меѓу Белград и Приштина, кои се водат под покровителство на ЕУ и САД. Средбата треба да се одржи на 18 март во Северна Македонија, потврдија за МИА од Владата.
На средбата, како што е најавено ќе присустуваат и високиот претставник на Европската Унија за заедничка надворешна политика и безбедност Жозеп Борел и специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак.
На прашањето на МИА дали премиерот Ковачевски би прифатил да биде домаќин на оваа средба следниот месец во земјава, од Владата одговорија потврдно и посочија дека европскиот предлог за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина е исклучително важен за иднината и стабилноста на регионот.
Средбата меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти на 27 февруари со претставници на Европската унија во Брисел заврши без договор, но европскиот комесар за надворешни работи Жозеп Борел изјави дека Вучиќ и Курти се согласиле дека не се потребни дополнителни разговори за европскиот предлог и дека тоа е рамка за нормализирање на односите меѓу двете страни.
Вучиќ рече дека е договорено следната средба да се одржи во Северна Македонија на 18 март. Тој додаде дека разговорите во Брисел биле тешки и дека главниот камен на сопнување е Заедницата на српските општини на Косово.
По средбата, Борел изјави дека разговорите биле интензивни и дека и Вучиќ и Курти покажале одговорност.