Од Ковачевски до Стивен Сигал
ТУРЦИЈА - Земјотрес ја потресе југоисточна Турција на 27 февруари, при што загина едно лице, 110 беа повредени, а 29 згради се урнаа, соопштија турските власти. Новиот земјотрес предизвика дополнителна работа за спасување на неколку луѓе за кои се верува дека се затрупани во урнатините.
СРБИЈА / КОСОВО - Се договоривме да продолжиме со преговорите изјави вечерва српскиот претседател Александар Вучиќ по средбата со косовскиот премиер Албин Курти во Брисел. Тој за српските медиуми изјави дека очекува нова средба со еврокомесарот за надворешни работи Жозеп Борел на 18 март во Северна Македонија, кога, како што вели тој, е најавена турнеја на Борел на регионот.
УКРАИНА - Русија го зголемува бројот на воени трупи во источна Украина со цел интезивирање на офанзивата во регионот, соопшти Генералштабот на украинската војска на 27 февруари додека украинските и руските сили останаа заглавени во жестока борба на исток и североисток.
БЕЛОРУСИЈА - Белоруските власти наредија зголемени гранични проверки на луѓето кои ја напуштаат земјата, откако антивладините активисти тврдеа дека извршиле напад со беспилотно летало врз руски авион за набљудување кој бил паркиран на аеродром во близина на Минск. Луѓето кои ја преминаа границата на 27 февруари рекоа дека за разлика од вообичаените контроли, чуварите ги претресувале личните предмети и внимателно ги прегледувале торбите и возилата.
ЦРНА ГОРА - Деблокирана е работата на црногорскиот Уставен суд откако Собранието на 27 февруари изгласаа тројца нови судии, со што и се овозможи услови за работа на Уставниот су. Од септември минатата година Уставниот суд немаше кворум за одлучување, затоа што броеше само тројца од потребните седум судии.
КАНАДА - Канадa воведе санкции за 12 високи функционери од иранскиот корпус на исламската револуционерна гарда и полицијата за „грубо кршење на човековите права“ во смртоносното задушување на демонстрациите кои настанаа по смртта на млада жена во притвор за наводно неправилно носење шамија.
ГРЦИЈА - Затаен данок во вредност од над 15 милиони евра, открила грчката управа за јавни приходи. Според информациите кои ги објави грчката новинска агенција АНА-МПА затајувањето на данокот било забележано во 11 различни бизнис секотори во Атина, Солун, Лариса, Патра, Крит. Најчесто компаниите не поднесувале даночни пријави, поднесувале неточни пријави или не ја пријавиле својата деловна активност.
РУСИЈА - Рускиот претседател Владимир Путин му додели државна награда на холивудскиот актер Стивен Сигал за неговата меѓународна хуманитарна и културна работа. Оваа информација беше објавена на 27 февруари во државен декрет.
Во декретот се вели дека 70-годишната ѕвезда на акционите филмови како што е „Под опсада“ добила руски „Орден за пријателство“. До објавувањето на оваа имформација нема реакција од Сигал за доделената руска награда.
ЕУ / МАКЕДОНИЈА / БУГАРИЈА - Скопје и Софија треба да вложат подеднакви напори за развој на добрососедските односи, изјави денеска евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир. Тој смета дека потребни се напори, но и преземање обврски од двете страни за спроведување на Договорот за добрососедство.
МАКЕДОНИЈА - Отворен е предмет за првиот вицепремиер во Владата, и министер за односи меѓу задниците, Артан Груби, потврди на 27 февруари Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Предметот бил отворен пред десет дена, откако во јавноста беа објавени информации за зголемување на неговата и на имотната состојба на членови на неговото семејство.
ТУРЦИЈА - Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу изјави дека преговорите за влезот на Шведска и Финска во НАТО ќе продолжат на 9 март, иако дополни дека Шведска сè уште не ги исполнила своите обврски од меморандумот потпишан минатата година. Турција на крајот на јануари ги прекина преговорите со двете земји и го одложи трипартитниот состанок предвиден за февруари, по неколку демонстрации против Турција и исламот во Стокхолм.
МАКЕДОНИЈА - Пекарската индустрија денеска се закани дека нема да произведува леб доколку Владата ја донесе мерката за замрзнување на цената на лебот на 33 денари.
„Ако Владата ја донесе мерката за ограничување на цената на лебот, од следниот ден нема да има леб на пазарот“, изјави претседателот на Групацијата за мелничко-пекарската индустрија Горан Малишиќ по состанокот во Стопанската комора на Северна Македонија.
МАКЕДОНИЈА - Најмладиот милионер, но во денари, во земјата имал осум години, а највозрасниот 96, покажуваат даночните пријави доставени до Управата за јавни приходи (УЈП), а се однесуваат на даночната 2021. Директорката на Управата, Сања Лукаревска на 27 февруари ги презентираше податоците од анализата за годишните даночни пријави. Осумгодишникот во 2021 пријавил приходи од нешто над милион денари или околу 16.500 евра годишно, а ги добивал по основ на семејна пензија. Највозрасниот, пак, имал приходи над 1, 2 милион денари ( околу 19.500 евра) годишно, исто така најголемиот дел од нив остварени од пензија.
МАКЕДОНИЈА - За премерот Димитар Ковачевски предлогот за задница на албански општини во Македонија е неприфатлив, несериозен, нееверопски и неамерикански. Тој на 27 февруари одговараше на новинарски прашања за предлогот на доскорешниот владин партнер партијата Алтернатива за идејата за формирање на заедница на албански општини.
РУСИЈА - Рускиот политиколог Глеб Павловски, кој неколку години му беше и советник на рускиот претседател Владимир Путин, почина на 71 година. Засега не е наведена причината за неговата смрт. Во последните месеци Павловски беше тешко болен, а последните неколку недели ги помина во болница. Поранешниот советски дисидент, Павловски беше близок соработник на Путин од 1996 до 2011 година, кога беше отпуштен. Тој потоа стана владин критичар.
ТУРЦИЈА - Турската влада да поднесе оставка побараа навивачите на истанбулските фудбалски клубови. Навивачите на „Бешикташ“ тоа го сторија синоќа, 26 февруари, а на „Фенербахче, ден претходно. Тие скандираа и фрлија стотици плишани играчки на теренот во спомен на децата жртви од земјотресот на 6 февруари.
УКРАИНА - Украинската војска собори руски авион во Донецк кај Авдијивка, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во видео порака вечерта на 26 февруари, заблагодарувајќи им се на украинските сили што го собориле авионот. Прес-службата на Генералштабот на украинската војска објави фотографија на која, како што велат, се прикажани запалени остатоци од авионот.