Вучиќ по средбата со Курти во Брисел - Имавме тежок состанок

Се договоривме да продолжиме со преговорите изјави вечерва српскиот претседател Александар Вучиќ по средбата со косовскиот премиер Албин Курти во Брисел. Тој за српските медиуми изјави дека очекува нова средба со еврокомесарот за надворешни работи Жозеп Борел на 18 март во Северна Македонија, кога, како што вели тој, е најавена турнеја на Борел на регионот.

„Имавме тежок состанок, се договоривме да продолжиме со разговорите. Верувам дека ќе има уште многу други состаноци во нареден период. Како што разбрав на 18 ќе треба да се видиме повторно на територија на Северна Македонија, до тогаш со господинот Лајчак ќе разговараме за имплементацијата и за спроведување на сите претходни договори“, изјави Вучиќ.

Вучиќ изјави дека главна тема на средбата било спроведување на претходно потпишаниот договор, а не разговарале за европскиот предлог за нормализација на односите. Тој вели дека на средбата инсистирал на формирање на Заедница на општини со српско мнозинство.

Видете и ова: Очекувања од средбата Вучиќ - Курти во Брисел

Заедницата на општини со српско мнозинство беше договорена во 2013 година, додека во 2015 година беа договорени принципите по кои треба да се формира.

По средбата на Вучиќ и Курти во Брисел каде што домаќин беше Борел се очекува да се објави соопштение од ЕУ.

Косово и Србија повеќе од десет години водат дијалог за нормализација со цел да се постигне конечен договор. Сепак, страните имаат различни очекувања за тоа како би требало да изгледа. Косово инсистира на меѓусебно признавање, а Белград бара компромисно решение.