Русија го зголемува бројот на војници на исток, тврди Украина

Русија го зголемува бројот на воени трупи во источна Украина со цел интезивирање на офанзивата во регионот, соопшти Генералштабот на украинската војска на 27 февруари додека украинските и руските сили останаа заглавени во жестока борба на исток и североисток.

„Според достапните информации, до 200 регрути од Ростовската област се префрлени на привремено окупираната територија на Луганската област“, соопшти Генералштабот во вечерниот извештај.

Генералштабот додаде дека руските воздушни напади во текот на денот извршиле 12 напади со беспилотни летала Шахед-136 од Иран и повеќе од 55 напади од ракетните системи.

„Заканата од ракетни напади останува висока на целата територија на Украина“, соопшти командата.

Видете и ова: Белорусија ги зголемува граничните проверки по нападот врз рускиот авион

Претходно, на 27 февруари, двајца спасувачи беа убиени од руски напади во западна Украина, соопштија локалните власти откако цела Украина беше под тревога за воздушен напад околу еден час додека руските сили користеа беспилотни летала од Иран во нападот.

Генералштабот претходно на 27 февруари соопшти дека неговите сили собориле 11 од 14 беспилотни летала во текот на ноќта.

Во Киев, шефот на воената администрација на главниот град, Серхи Попко, рече дека се уништени девет беспилотни летала и дека нема моментални извештаи за жртви или штети.

Руските трупи изведоа 81 офанзивна операција против украинските бранители во Бахмут, Авдијивка и Шахтарск во областа Доњецк и во Купјанск, во областа Хархив, во изминатите 24 часа, објави Генералштабот во својот дневен билтен.

Руските сили немилосрдно го напаѓаат Бахмут уште од летото, но од почетокот на годинава,кога започнаа нова офанзива, Москва ги удвои напорите да го заземе градот.

Аналитичарите велат дека заземањето на градот, кој е речиси целосно уништен во борбите, ќе има мало стратешко значење за Русија, но Москва ќе придаде симболично значење на неговото заземање за да го зајакне моралот на војниците.