Косовскиот премиер Албин Курти и претседателот на Србија Александар Вучиќ започнаа средба во Брисел со високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел и со специјалниот европски претставник за дијалог, Мирослав Лајчак. Курти и Вучиќ претходно имаа одвоени средби со европски претставници. На агендата е договорот за нормализирање на односите меѓу двете страни.
Денешната средба меѓу претседателот на Србија и премиерот на Косово е најважниот момент во процесот на нормализација на односите во последните десет години.
Видете и ова: Очекувања од средбата Вучиќ - Курти во Брисел
Се очекува лидерите на средбата на 27 февруари пред посредниците на Европската унија (ЕУ) да потврдат дека го прифаќаат европскиот план.
„Колку подолго трае состанокот, толку се поголеми шансите за успешно завршување“, изјави неименуван претставник на ЕУ запознаен со процесот.
Ова би бил втор договор на страните во дијалогот, по бриселскиот договор постигнат во април 2013 година.