Полицијата утврди дека се лажни дојавите за поставени бомби во училишта во Скопје и Прилеп, како и во Основниот суд во Охрид. Во соопштението од Министерството за внатрешни работи е наведено дека по извршените проверки во објектите утврдено е дека нема поставено експлозив.
Оттаму велат дека се направени сите потребни проверки во врска со пријавите кои пристигнале во 21 средни и 11 основни училишта на територија на Скопје, како и едно основно во Прилеп и Основен суд во Охрид.
Видете и ова: Онлајн настава заради дојавите за бомби - решение или уште поголем проблем?Министерството наведува дека веднаш по добиените пријави, полицијата презела мерки за безбедно евакуирање на објектите, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави.
Министерството за образование од денеска препорача во случај на дојава да се организира онлајн настава, што го отежнува секојдневието на родителите.
Досега сите испратени дојави за поставени бомби во изминативе пет месеци, по проверките, се покажа дека се лажни. И додека дојавите не престануваат, властите се правдаат дека испраќачите тешко се откриваат и дека се работи за хибридна војна.