Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу изјави дека преговорите за влезот на Шведска и Финска во НАТО ќе продолжат на 9 март, иако дополни дека Шведска сè уште не ги исполнила своите обврски од меморандумот потпишан минатата година.
Турција на крајот на јануари ги прекина преговорите со двете земји и го одложи трипартитниот состанок предвиден за февруари, по неколку демонстрации против Турција и исламот во Стокхолм.
Шведска и Финска лани аплицираа за приклучување кон северноатлантската одбранбена алијанса, непосредно по руската воена инвазија во Украина.
Нивниот влез во Алијансата го блокира Турција, при што во јавноста се споменуваше можноста за одобрување на влезот на Финска пред Шведска. Анкара го обвинува Стокхолм дека засолнува, како што смета, членови на терористички групи.
Кон средината на февруари, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во Анкара апелираше Финска и Шведска „сега“ да бидат вклучени во НАТО.