САД очекуваат напредок од средбата Вучиќ-Курти во Брисел

Специјалниот советник во Стејт департментот на САД, Дерек Шолe и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, Белград, 12 јануари 2023 година.

Специјалниот советник во американскиот Стејт департмент, Дерек Шоле во телефонски разговор со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, истакнал дека Соединетите Држави целосно го поддржуваат предлогот на Европската унија (ЕУ) за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина.

Шоле очекува утрешната средба на албанскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Вучиќ во Брисел да биде конструктивна, со забележителен напредок кон договор.

Тој исто така кажал дека треба да се спроведат договорите, претходно потпишани во процесот на дијалог, што вклучува и формирање на Заедница на српски општини.

Видете и ова: Шоле-Курти: Време е да се разговара за формирање Заедница на српски општини

Вучиќ рече дека очекува многу тешка средба, но дека Србија е посветена на мирот и стабилноста во регионот и дека во тој контекст е подготвен да работи на концептот и спроведувањето на предложениот план со јасно дефинирани ограничувања.

Се очекува на дневен ред на утрешната средба да се најде предлогот на ЕУ за нормализација на односите меѓу двете страни, во кој една од точките е спроведувањето на досега постигнатите договори.

Во предлогот на ЕУ за нормализација на односите не се споменува експлицитно меѓусебно признавање или членство на Косово во Обединетите нации, но од Србија се бара да не се меша во членството на Косово во меѓународните организации.

Исто така, предвидува двете страни да го почитуваат суверенитетот и интегритетот на другата земја. Тоа вклучува и еднакви права, признавање на државните симболи, посебен третман за српската заедница во Косово и спроведување на досега постигнатите договори во рамките на дијалогот.

Косово и Србија повеќе од десет години водат дијалог за нормализација со цел да се постигне конечен договор. Сепак, страните имаат различни очекувања за тоа како би требало тоа да изгледа. Косово инсистира на меѓусебно признавање, а Белград бара компромисно решение.