Казахстан смета дека кинескиот мировен план за Украина „вреди да се поддржи“

Зградата на Министерството за надворешни работи на Казахстан

Министерството за надворешни работи на Казахстан изрази одобрување за кинескиот мировен план од 12 точки за руската војна со Украина, велејќи дека тој е „достоен за поддршка“ врз основа на принципите на Обединетите нации (ОН).

„Република Казахстан, одобрувајќи го ставот на Народна Република Кина за политичко решавање на украинската криза, изразува дека (планот) е достоен за поддршка за запирање на крвопролевањето врз основа на принципите на ОН, врз основа на територијалниот интегритет, независност и суверенитет на државата“, соопшти казахстанското Министерство за надворешни работи.

Пекинг, кој тврди дека е неутралнен, влезе во „неограничено пријателство“ со Москва неколку недели пред инвазијата, а пред една недела објави план кој ги повторува руските ставови, вклучително и обвинување на Западот за инвазијата и критикување на санкциите против Русија.

Видете и ова: Украина отфрла мировни планови кои бараат компромис за територијалниот интегритет

Астана не ја осуди отворено руската инвазија.

Сепак, се вели дека го почитува територијалниот интегритет на Украина и одбива да ја признае изјавата на Москва од септември за анексијата на четири делумно окупирани региони на Украина. Оваа недела, казахстанската делегација се воздржа од резолуцијата на ОН со која се бара Русија да ги повлече своите трупи од Украина.

Казахстанскиот министер за надворешни работи Мухтар Тилеуберди рече дека „воздржаноста е исто така позиција“, додавајќи „гласавме земајќи го предвид нашиот национален интерес“.

Казахстанскиот претседател Касим-Жомарт Токаев повика на „формула за мир“ во ноември, но исто така му рече на претседателот Владимир Путин дека Русија останува силен стратешки партнер и покрај јавните несогласувања за војната во Украина. Казахстан и другите четири постсоветски републики во Централна Азија имаат значително етнички руски малцинства.

Откако Пекинг објави план за мир, кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји оваа недела се сретна во Москва со Путин и други високи руски претставници и повика на „политичко решение“ на конфликтот во Украина.