Почина малолетничка од струен удар во вагон

илустрација

Едно лице починало откако вчеравечер бил опожарен вагон цистерна кај железничката станица во скопската населба Илинден.

Од Територијалната противпожарна бригада, која интервенираше на местото на несреќата, за МИА изјавија дека има починато лице најверојатно од струен удар на вагон.

На терен биле испратени две возила и седум пожарникари.

Од Министерството за внатрешни работи информираа дека случајот е пријавен во полициското одделение во Петровец.

„Во 21:05 часот во ПО-Петровец, С.К. пријавил дека во населбата Илинден кај железничката станица во складиштето на „Макпетрол“ од страна на малолетни лица е опожарена цистерна. Двете малолетни лица се кај него дома и по извршениот разговор со децата посочено е дека во цистерната најверојатно има малолетно женско лице и истото е починато“, велат од МВР.

Градоначалникот на Општина Илинден Александар Георгиевски за Телевизија 24, синоќа изјави дека според информациите што ги добил од МВР и ПП бригада до несреќата во која почина малолетно девојче дошло откако група малолетници самоиницијативно, најверојатно од забава и несвесно се качувале на паркиран вагон во близина на ЖСТ Илинден.