Турските власти приведоа 184 лица поради урнатите згради во земјотресот

илустрација

Најмалку 184 лица, главно градежни изведувачи, се приведени во Турција во врска со урнатите згради по разорните земјотреси во јужниот дел на земјата, изјави денеска министерот за правда Бекир Боздаг.

Приведен е и градоначалникот на областа Нурдаг во провинцијата Газиантеп, јави Анадолија. Градоначалникот Океш Кавак е од владејачката партија на претседателот Реџеп Таип Ердоган.

Владата на Ердоган, која е на власт повеќе од 20 години, беше критикувана за игнорирање на лошите градежни стандарди, што можеби придонесе за високиот број на загинати од над 44 000 само во Турција.

Во 11 турски провинции смртоносните земјотреси на 6 февруари, проследени со речиси 10 000 последователни потреси, оштетија повеќе од 173 000 згради и оставија речиси 2 милиони луѓе без покрив над главата, според владините податоци.

Оттогаш поширокиот регион е погоден од големи земјотреси. Според агенцијата за катастрофи АФАД, потресите се очекува да продолжат во следните две години во Турција.

Денеска земјотрес со јачина од 5,2 степени ја погоди централната анадолска турска провинција Нигде, соопшти Центарот за следење на земјотресот Кандили. АФАД соопшти дека нема пријавена штета.

На најголемиот турски град Истанбул му е потребна итна програма за урбанизација за обнова или зајакнување на зградите, во вредност од околу 40 милијарди долари, соопштија властите.

Се проценува дека потенцијален земјотрес од над 7,5 степени ќе оштети речиси 500 000 згради, населени со 6,2 милиони луѓе, односно околу 40 отсто од населението на градот.