Полската енергетска групација ПКН Орлен денеска објави дека Русија ја прекинала испораката на сурова нафта преку нафтоводот Дружба, пренесе АФП.
Руската сурова нафта, како што се наведува, сочинува 10 отсто од вкупните потреби на полската енергетска компанија.
„Руската страна ги прекина испораките преку нафтоводот Дружба за Полска“, се вели во соопштението на полската компанија за АФП.
Компанијата објави дека потегот на Русија нема да влијае на понудата на потрошувачите во Полска, како и дека нафтата во иднина ќе се испорачува исклучиво по морски пат.
Досега ПКН Орлен увезуваше околу 10 отсто од потребите преку рускиот нафтовод „Дружба“, додека остатокот го доставуваше по морски пат од други извори.
Потегот на Русија следува ден откако Европската унија (ЕУ) се согласи за нов пакет санкции против Русија поради нејзината инвазија на Украина.
Видете и ова: ЕУ постигна договор за ограничувањата на цените на руските гориваПолска минатата година објави дека има „радикален план“ да го запре целиот увоз од Русија до крајот на 2022 година. Сепак, заменик министерот за државен имот Мачеј Малецки во парламентот изјави дека Полска се уште има важечки договор со руската компанија Татнефт. Договорот предвидуваше испорака на 200.000 тони нафта од Русија на месечно ниво.
Во последниве години, Полска во голема мера го диверзифицираше снабдувањето со нафта и гас, а според Малецки, договорот со Татнефт бил „единствениот“ енергетски договор со Русија.
„Дружба“ (Пријателство) е најдолгиот нафтовод во светот и еден од најголемите. Превезува нафта во должина од околу 4.000 километри од Татарстан до Европа.
Изграден е во 1964 година за време на Студената војна со цел тогашниот Советски Сојуз да ги снабдува со нафта своите сојузници во комунистичкиот блок.