Ќе почне кривично-правна операција со кодно име „Бумеранг“, соопшти денеска правниот тим на Бојан Јовановски-Боки 13, правосилно осуден во „Рекет“ на девет години затвор. Преку соопштение до јавноста тимот ја поздрави одлуката на шефот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Ислам Абази, да формира предмет и да го додели на надлежен обвинител за да го сослуша Боки.
Јовановски претходно преку допис бараше прием кај Абази тврдејќи дека поседува „бомби“ (снимени разговори, транскрипти, пораки, фотографски и видеозаписи) и сака да поднесе кривични пријави против личности од највисоки државни структури од политиката, правосудството, бизнис-елитата и други лица.
Видете и ова: Абази оформил предмет за „бомбите“ на Боки-13Во денешното соопштение, неговиот правен тим вели дека „бомбите“ се содржани во 1 150 000 фајлови, па затоа смета дека специјално за тоа треба да се формира посебен тим.
„Напоменуваме дека поради обемноста на материјалот и доказите од 1 150 000 (еден милион и сто и педесет) фајлови со податоци во кои се содржани аудио снимени разговори, транскрипти, пораки, остварени телефонски комуникации, видео и фотографски записи, т.н. "бомби" , заради целисходност при постапување по предметот ќе биде потребно формирање на посебен тим за работа и процесуирање на кривичните пријави во согласност со реалните потреби за ефикасно и правилнло постапување по предметот, за кое нешто ќе истакнеме посебно барање до јавниот обвинител“, се наведува во соопштението.
Јовановски вели дека ќе ги поднесе пријавите и ќе ги предаде овие докази со записник само со утврдени законски гаранции дека ќе се заштитат неговиот физички и психички интегритет. Тој претходно бараше прием исклучиво кај Абази бидејќи, како што рече, единствено нему му верувал. Меѓутоа, од ОЈО ГОКК информираа дека е оформен предмет и е распределен кај друг обвинител бидејќи, како што нагласија од обвинителството, тоа треба да го направат избраните обвинители, а не шефот.