Украинскиот народ не е сам во битката за мир и правда, порача македонскиот министер за надворешни работи, кој е и претседавачот со ОБСЕ, Бујар Османи. Тој во видео обраќање, упати порака до украинскиот народ во знак на нивна поддршка за храброста и нивната решителност во отпорот против воената инвазија од страна на Русија која трае 12 месеци.
„Свесни сме за страдањата низ кои поминувате изминатите 12 месеци. Ние се солидаризираме со вас. Северна Македонија како Претседавач со ОБСЕ ќе продолжи да ја поддржува Украина во овие тешки времиња. Оваа поддршка ќе биде уште посилна кога конечно ќе се врати мирот. Ова е наша обврска и цел. Вие не сте сами“, се вели во пораката од Османи до украинскиот народ.
Претседавачот на ОБСЕ во јануари ја посети Украина и посети неколку места кои беа силно погодени од воените дејствија.
Во знак на солидарност со Украина, украинското знаме е поставено до македонското на јарбол пред зградата на Министерството за внатрешни работи, по повод годишнината од стартот на руската агресија врз земјата, објави ресорниот министер Оливер Спасовски на својот Фејсбук профил.
На денешен ден лани почна руската агресија врз Украина. Во првата година од војната, десетици илјади луѓе загинаа, вклучително и илјадници цивили, милиони станаа бегалци, а некои градови се целосно уништени.