Абази оформил предмет за „бомбите“ на Боки-13

Бојан Јовановски - Боки 13 на судење за „Меѓународен сојуз“

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција оформи предмет по дописот на шоуменот и неформален сопственик на 1ТВ, Бојан Јовановски, кој е во затвор.

Тој бараше средба со шефот на ова обвинителство да поднесе кривични пријави и да му достави материјали, таканаречени „бомби“, кои, како што рече, сведочеле за висока корупција и криминал. Јовановски бараше средба со Абази, оти, како што вели, само во него имал доверба.

Видете и ова: Боки 13 сака прием кај Абази за да му достави „бомби“ за криминал и корупција

Сепак, Јовановски ќе се сретне со друг обвинител, не со Абази, оти тој предметот го распределил кај надлежен обвинител, јави Макфакс.

Јовановски прво доставил допис до Обвинителство, а потоа неговите адвокати го доставија тој допис до јавноста. Во него Јовановски наведува дека има материјали во форма на снимени разговори, транскрипти, пораки, фотографии и видеа, за криминални дејствија на личности од највисоки државни структури од политиката, правосудството, бизнисот...

Јовановски е во затворот во Идризово. Тој е правосилно осуден на девет години затвор во „Рекет“, а на уште девет е првостепено осуден и за случајот „Меѓународен сојуз“, за перење пари и дела поврзани со измама.