Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, на годишнината од почетокот на војната во неговата земја, објави дека оваа ќе биде година на победа на Украина.
Зеленски напиша на социјални мрежи дека на 24 февруари милиони Украинци направија избор и избраа отпор и борба.
„24-ти февруари, милиони од нас направија избор. Не бело знаме, туку сино-жолто знаме. Не бегање, туку соочување со непријателот. Отпор и борба“, напиша Зеленски.
Според него, претходната година беше година на болка, тага, верба и единство.
„И ова е година на нашата непобедливост. Знаеме дека ова ќе биде година на нашата победа!“, напиша претседателот на Украина.
Неговата сопруга, Елена Зеленска, пак вели дека Украина на 24 февруари нема да ја одбележи првата годишнина од руската инвазија, туку годината на успешен отпор.
Во видео обраќањето на настан посветен на годишнината во Вилнус на 23 февруари, Зеленска рече дека Украина претрпе „пеколна година“. Таа рече дека годината на целосна војна „е ужасен датум за одбележување бидејќи е година на напади, агресија и убиства“.
Пред првата годишнина од војната, шефот на военото разузнавање на Украина, Кирил Буданов, предупреди дека Русија планира ракетен напад на 24 февруари, по повод одбележувањето на денот.
Во четвртокот, на 23 февруари, Генералното собрание на Обединетите нации изгласа резолуција со која се бара руските трупи да се повлечат од Украина.