ВМРО-ДПМНЕ нека гласа прво за уставни измени, па потоа може да се гласа и за распуштање на Собранието. Со оваа порака вицепремиерот Артан Груби јавно ја повика опозицијата во Собрание на седница за гласаат за овие две точки и тоа по конкретен редослед, прво уставни измени па предвремени избори.
Тој во интервју за Канал 5 изјави дека очекува премиерот Димитар Ковачевски како и лидерот на ДУИ Али Ахмети да се согласат со неговиот предлог.
„ Да идеме на седница на Собрание со две точки на дневен ред. Прва точка уставни измени, втора точка распуштање на Собранието и предвремени избори. Бујрум нека влезат нека гласаат, идеме на избори“, изјави Груби.
„Еве компромис“, порача Груби, повикувајќи ги да се охрабрат да направат таква одлука и да излезат на избори.
„Ние верувавме дека Груби е продлабочен во зелената агенда, тој да ми ти се задржал на зелената боја на доларите“, се вели во пишаната реакција на опозициската ВМРО-ДПМНЕ по интервјуто на Груби.
Во реакцијата е наведено дека партијата одбива да ги коментира „ низата невистини кои Груби ги искажал“ но посочуваат дека тој делува како Путинов руски олигарх, кој ја напуштил идеолошката партиска матрица која јавно ја декларира.
Претходно во Собранието на седницата за пратенички прашања, опозицијата повторно го обвини вицепремиерот за корупција и за како што велат, богатење на неговото наблиско семејство. Тој возврати дека опозицијата докторирала на тема корупција.