Владата најави ревитализација на шест хидроелектрани со 36,2 милиони евра

Илустрација, архивска фотографија, изворска река кај предвидениот зафат за ХЕ Рибничка Река.

Со 36,2 милиони евра Владата најавува ревитализација на шест големи хидроелектрани кои обезбедуваат помеѓу 20 и 30 проценти од вкупното производство на електрична енергија во земјава. Инвестицијата ќе биде покриена со заем од 25 милиони евра од Кредитната банка за обнова КФВ, 11,2 милиони евра грант од ЕУ од ВБИФ и 0,2 милиони евра од германската Влада. Ревитализацијата во наредните две години ќе се одвива на хидроелектраните Вруток, Врбен,Равен, Тиквеш, Шпилје и Глобочица.

Министерот за финансии Фатмир Бесими изјави дека во Буџетот за оваа година се предвидени 800 милиони евра средства за капитални проекти од кои доминираат инфраструктурните и енергетските проекти. Тој додаде дека средствата се обезбедуваат по поволни услови, а реализацијата на инвестицијата ќе значи поголемо домашно производство, стабилност во снабдувањето со електрична енергија и енергетска независност.

Видете и ова: Се раскинуваат договорите за концесија за седум мали хидроцентрали на Шар Планина


Директор на секторот за енергија и мобилност во ЈИЕ и Турција во КфВ, Пабло Обрадор Алварез, истакна дека потпишаните договори се дел од заложбите на Германија во рамките на Берлинскиот процес, како и дел од енергетскиот пакет на ЕУ за поддршка на зелената транзиција на енергетскиот сектор во земјите од Западен Балкан (WB6).

Евроамбасадорот Дејвид Гир изјави дека инвестициите во зелена енергија се клучни за Република Северна Македонија, што, како што рече „ќе придонесе за подобрување на нејзината долгорочна енергетска безбедност, како и заложбите поврзани со климатските промени“.

Со оваа инвестиција инсталираната моќност на хидроелектраните ќе се зголеми за дополнителни 13,5 МW, додека, производството на електрична енергија ќе се зголеми за околу 47,5 GWh годишно.