Протести и бојкот на Парламентарното собрание на ОБСЕ во Виена поради руските делегати

Протест пред седиштето на ОБСЕ во Виена во пресрет на дводневната сесија на Парламентарното собрание

Почетокот на одржувањето на дводневната сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ, кое се совпаѓа со првата годишнина од руската инвазија на Украина, беше засенето од контроверзите предизвикани од присуство на Русите на неа. Австрија им даде визи на руските пратеници иако се под санкции на Европската унија и покрај протестите на 20 земји, меѓу кои Велика Британија, Франција и Канада.

Украина и Литванија го бојкотираат собирот на претставниците на 57-членото пан-европско безбедносно тело. Австриските власти наведуваат дека како домаќини се обврзани да им издаваат визи на претставниците на сите земји-членки на ОБСЕ.

Ова беше прв пат членовите на руската држава Дума да патуваат во Европската унија во официјален капацитет, откако беа санкционирани за поддршка на војната. Руските делегати на самиот почеток се соочија со остра критика особено откако словачкиот делегат ја прочита изјавата на украинската делегација во која се наведува дека „присуството на воените потбуцнувачи во Виена е навреда за сето она за што се залага ОБСЕ“.

„Тие не се тука за вистински дијалог или соработка. Тие се тука да ја шират својата пропаганда, да се обидат да ги оправдаат воените злосторства што ги направија и да ги сквернават принципите на меѓународното право и човечката пристојност“, изјавија од украинската делегација.

Претседателката на Парламентарното собрание на ОБСЕ, Маргарета Седерфелт, на отворањето на седницата рече дека „сочувствува со фактот што некои членки сметаат дека е неподносливо да седат во иста просторија со агресорите“ и дека „оние кои се присутни денеска имаат можност да се заземат за Украина и да се спротивстават на лагите на агресорите.“

Видете и ова: Критики кон Австрија за издавање визи на санкционирани руски пратеници

Претходните две состаноци на парламентарното собрание на ОБСЕ - во јули во Бирмингем, Англија и во полската престолнина, Варшава, во ноември - се одржаа без учество на Москва, бидејќи и двата пати на руската делегација беа одбиени визи.

Конгресмен на Демократската партија од Тенеси и член на раководството на Комисијата на САД во Хелсинки, Стив Коен, кој присуствува на состанокот во Виена, изјави за РФЕ/РЛ на 22 февруари дека визите за руските делегати не требало да им бидат доделени.

„Русија го прекрши секој дел од причините за оваа средба воопшто да се случи. И мислам дека кога една земја оди толку далеку, дека можеби не треба да бидат дозволени“, вели Коен.

Во одделно интервју за РФЕ/РЛ на 22 февруари, Џо Вилсон, републикански конгресмен, кој го предводи раководството на Комисијата во Хелсинки во Вашингтон, изјави дека дозволувањето на Русија да присуствува на состанокот, испраќа „погрешна порака до светот“.