Над 17 илјади здруженија во земјава ќе ги проверува Комисијата за употреба на историски имиња која функционира во рамките на Министерството за правда, по иницитива на Централниот регистар. Оттаму до Комисија за проверка се испратени ите документи кои ги поседува Централниот регистар за овие здруженија заедно со статутите и програмите до Комисијата, изјави дикреторката Марија Бошковска-Јанковски за ТВ 24.
„Сите се земени од базата во Централниот регистар, со таа разлика што кај бугарските има некои реченици во смисла дека ќе ги штити бугарските интереси итн., но тоа не е доволен момент за да не може да се регистрира тој правен субјект, вели Бошковска-Јанковски.
Таа објаснува дека Централниот регистар нема надлежност да одредува дали некое здружение ќе се регистрира или не, затоа што нивната фунција е само „само евидентно тело и база на податоци“.
„Сега, со измените во Законот за здруженија и фондации, ако некое здружение побара да се регистрира, а притоа има спорно име, ние ќе бараме дали тој правен субјект има согласност од Министерството за правда за регистрација, додава Бошковска Јанковски.
Рокот за промена на спорните имиња на здруженијата е истечен, а досега здружението „Цар Борис Трети“ од Охрид почнало процедура за усогласување со измените на Законот за здруженијата и фондациите, но поднесената документација до Централниот регистар не е целосна. Од друга страна пак, битолското здружение „Иван Михајлов“ не го испочитувал законот и не иницирало промена на името.
Законските измени кои стапија на сила пред три месеци, предвидуваат здруженија да не може да носат имиња на лица кои се поврзуваат со фашизам и нацизам, или да имаат таква дејност. Тие дојдоа по отворањето на двата бугарски клуба во земјава, „Цар Борис Трети“ во Охрид и „Иван (Ванчо) Михајлов“ во Битола, кои носат имиња на личности за кои се смета дека се поврзани со фашистичкиот окупатор во Втората Светска војна.
Ако здруженијата не го испочитуваат законскиот рок за услогласување на имињата од Министерството за правда во рок од еден месец треба да донесат одлука за неусогласеност, по што ќе следи бришењето.