Бизнисменот поврзан со Кремљ, Евгениј Пригожин, кој е и ко-основач и сопственик на платеничката група Вагнер, вели дека неговите единици почнале да добиваат муниција откако го обвини Министерството за одбрана за предавство, затоа што прекинало да им дава муниција.
Прес-службата на Пригожин на 23 февруари соопшти дека Пригожин бил информиран дека им е испратено муниција.
Во аудио изјава еден ден претходно, Пригожин ги повика Русите да извршат притисок врз армијата да им даде повеќе муниција на неговите борци, повторувајќи дека Министерството за одбрана намерно ја прекинало испораката.
Тој, исто така, објави слика на која се прикажани мртви руски платеници кои наводно загинале на 21 февруари затоа што немале муниција да возвратат.
Пригожин, кој се смета за еден од најблиските сојузници на рускиот претседател Владимир Путин, ги обвини највисоките функционери на вооружените сили дека извршиле „предавство“ со тоа што не ги опремиле неговите приватни трупи, кои беа главна сила во битката за заземање на источниот украински град Бахмут.
Како одговор, руското Министерство за одбрана на 22 февруари ги отфрли тврдењата на Пригожин велејќи дека сите доброволни бригади на истокот на Украина „навремено“ се снабдуваат со сите видови муниција.
Претходно оваа недела, во друга аудио изјава, Пригожин ги обвини министерот за одбрана Сергеј Шојгу и началникот на Генералштабот на руската армија Валериј Герасимов дека одбиле да му достават муниција на Вагнер во „обид да ја уништат“. Пригожин додаде дека од него се бара „да се извини и да послуша“ за да обезбеди муниција за своите војници.
Вагнер регрутирал илјадници затвореници од казнено-поправните установи низ Русија од минатото лето за да се борат во Украина.