Фирмите не ги намалија цените на храната, па ќе останат без субвенционирана струја

Супермаркет во Скопје

Компаниите од прехранбениот сектор, кои користат субвенции за струја, може да останат без оваа помош, оти првичните податоци покажале дека 60 до 70 отсто од овие компании не ги намалите цените на храната. Токму затоа Министерството за економија ќе предложи да се укине мерката за субвенционирана струја за компаниите.

Мерката ќе остане да важи за училиштата и јавните комунални претпријатија.

Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека се работи на нови мерки за да се намалат цените на основните прехранбени производи.

„Мерката за ограничување на маржите на основните прехранбени производи целосно се почитува од трговците, но голем дел од прехранбените компании кои користат субвенционирана струја од државата не ги намалиле цените“, рече министерот за економија Крешник Бектеши во интервју за ТВ Алсат.

Мерката што Владата ја донесе за субвенционирање на струјата на компаниите што произведуваат основни прехранбени производи ја користат над 250 фирми.

Видете и ова: Бектеши – Ако не ја поевтините храната ќе ви ја укинеме евтината струја

Ваквата одлука стапи на сила во ноември, но првичните податоци од Државниот пазарен инспекторат покажале дека цените на храната во најголем дел останале исти од пред да стапи на сила одлуката за субвенционирање.

Министерот соопшти дека за субвенционирање на струјата за компаниите од прехранбениот сектор досега се одвоени околу 1,2 до 1,3 милиони евра, средства што може да се користат за други мерки посебно за граѓаните кои имаат најголема потреба.

Владата одлучи од 1 декември да им понуди неколкупати поевтина струја на фирмите кои произведуваат основни прехранбени производи со цел да се заузда големиот раст на цените. Очекувањата на владата беа дека мерката ќе придонесе за поевтинување од 10 отсто.