Руските сили не се откажуваат од борбите на исток

Украински војник во регионот Донецк, на 22 февруари 2023 година

Во очи на годишнината од почетокот на руската инвазија во Украина, украинските сили одбија голем број руски напади во источните региони на Донецк и Луганск во текот на изминатиот ден, соопшти Киев на 23 февруари.

Руските сили извршиле серија напади врз Бахмут, Лиман, Авдијевка и Шахтарск во Донецк, како и врз Купјанск, во североисточниот регион Харкив, соопшти во својот дневен извештај Генералштабот на украинската војска.

„Во текот на изминатите 24 часа, украинската војска одби околу 90 напади на руските сили во пет правци [во регионот Донецк], каде што ги концентрираат своите главни офанзивни напори. Истовремено, непријателот изврши 10 ракетни и 19 воздушни напади, како и 37 од ракетни системи. Повторно цел беа мирните градови, села и цивили “, соопшти Генералштабот.

Донецкиот град Бахмут, кој руските трупи се обидуваат да го освојат од јули, останува епицентарот на битката за Донбас, при што силите на Москва започнаа нова офанзива за преземање на градот минатиот месец.

Сепак, воените аналитичари велат дека заземањето на Бахмут би имало прилично симболично значење за Русија, бидејќи неговата стратешка важност е ограничена.

Руска инвазија врз Украина: Една година низ фотографии


Британското Министерство за одбрана во својот дневен билтен за разузнавање објавен на 23 февруари објави дека интензивните борби продолжуваат во и околу Бахмут во последните два дена, но дека украинските сили успеале да ги задржат своите линии за снабдување отворени кон запад и покрај шестнеделните напори на Русите да го опколат градот.