Собраниската седница за реконструкција на Владата ќе продолжи во 10 часот на 23 февруари. За денеска е закажана и седница за пратенички прашања.
Пратениците работеа и ноќеска по полноќ, а седницата помина во меѓусебни обвинувања меѓу власта и опозицијата.
Пратениците од опозицијата обвинуваа за лошата економска состојба, нефункционирањето на институциите, неспособноста на власта да се справи со корупцијата, недовршувањето на капиталните проекти, повторувајќи го ставот дека реконструкцијата на Владата не е во интерес на граѓаните, туку за пазарење на функции и лични интереси.
Во еден момент дојде до расправија меѓу претседателот на Собранието Талат Џафери и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев, кој претходно во обраќањето од говорницата го спомена синот на Џафери, кој е новоизбран обвинител.
По кусата расправија и интервенцијата на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, ситуацијата се смири и продолжи дебатата за разрешување на министерот задолжен за дијаспора.
Се уште не е завршена расправата за разрешување на министерот без ресор за дијаспора Џемаил Чупи од Алтернатива, а нa претходните заседанија беше заокружена дебатата за разрешување на неговите сопартијци, министрите за здравство Беким Сали и за информатичко општество и администрација Адмирим Алити, кои ќе бидат заменети со кадри од новиот коалициски партнер - Алијанса за Албанците.
На дневен ред на 104-тата седница се и назначувањата на новите министри за правда, здравство, информатичко општество и за животна средина.
На оваа седница треба да бидат разрешени и замениците-министри и да се назначат нови.
Седницата за реконструкција на Владата започна на 13 февруари. До реконструкцијата дојде откако на владиното мнозинство им се приклучи партијата Алијанса за Албанците, по што партијата Алтернатива ја напушти Владата.
Владината коалиција на СДСМ, ДУИ и Алтернатива досега броеше 64 пратеници во 120-члениот парламент. Со влезот на Алијанса за Албанците се добиваат плус осум пратеници, но излегуваат тројцата од Алтернатива.