Од Коцарев до Трамп и папата
РОМАНИЈА - Самитот на „Букурешкиот формат- Б9“ во Варшава заврши вечерва со декларација која го осудува рускиот напад и војната во Украина, со ветување дека ќе и помогне на Украина онолку долго колку што и е потребно, со обврска за дополнително зајакнување на способноста на НАТО да ги одврати и колективно да ги брани источното крило.
ИЗРАЕЛ / ПАЛЕСТИНА - Десет Палестинци загинаа, а повеќе од 100 се ранети во напад на израелските безбедносни сили на окупираниот Западен Брег. Израелската армија не соопшти многу детали за својата операција во северниот град Наблус, кој е познат како упориште на милитантите. Тамошната војска често дејствува во, како што велат, разбивање на милитантните групи.
ФИНСКА - Финска и Шведска одат „рака под рака“ кон членството во НАТО, но одлуката за ратификување на апликациите за двете земји е кај Турција, изјави на 22 февруари финскиот претседател Саули Нинисто.
МАКЕДОНИЈА - Министерството за внатрешни работи соопшти дека се направени сите потребни проверки во врска со денешните пријави по добиените пораки на електронски адреси со закана за наводно поставена експлозивна направа во 86 училишта, една градинка и Завод за рехабилитација во Скопје, како и едно училиште во Прилеп и утврдено е дека станува збор за лажни пријави.
РУСИЈА - Основачот на руската платеничка група Вагнер, Евгениј Пригожин, ги повика Русите да извршат притисок врз војската за неговите борци да добијат повеќе муниција. Повикот доаѓа еден ден откако Пригожин ги обвини највисоките воени функционери дека извршиле „предавство“ со тоа што не доставиле доволно муниција на неговите приватни трупи
МАКЕДОНИЈА - Земјата треба да чекори по европскиот пат, но достоинствено и ќе има повеќе шанси да биде рамноправна членка во ЕУ ако каже НЕ на уставните измени, истакна денеска во своето експозе претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, Љупчо Коцарев на редовното Годишно собрание на највисоката научна и уметничка институција во државата.
САД - „Ќе ја браниме секоја педа од територијата на НАТО“, рече американскиот претседател Џо Бајден на самитот на лидерите на источното крило на НАТО во Варшава. САД ќе продолжат да ја поддржуваат Украина додека ја брани нејзината слобода, додаде тој. „Не се работи само за Украина, туку и за слободата“, нагласи Бајден.
СРБИЈА - Властите во Србија го забранија собирот на ултрадесничарските организации кој беше најавен дека ќе се одржи на 24 февруари, на годишнината од руската инвазија врз Украина. Десничарските организации на своите канали на Телеграм соопштија дека собирот бил планиран да се одржи со цел да се даде поддршка на Русија, но и како протест против апсењето на нивните поддржувачи.
САД - Поранешниот американски претседател Доналд Трамп денеска оцени дека светот никогаш не бил поблиску до трета светска војна и дека актуелниот американски претседател Џо Бајден го турка светот во војна со своите постапки за поддршка на Украина.
МАКЕДОНИЈА / УКРАИНА - Министерката за одбрана на Македонија, Славјанка Петровска на 22 февруари пристигна во посета на Украина. Посетата, како што соопшти Министерство за одбрана (МО), е во знак на поддршка на украинското лидерство и украинските граѓани во борбата за одбрана на својата земја и зачувување на својот суверенитет.
ПОЛСКА - Во рок од две до три недели Полска ќе испрати 14 тенкови „Леопард 2“ во Украина, изјави за Си-Ен-Ен портпаролот на полското Министерство за надворешни работи, Лукаш Јасина.
Тој додаде дека Варшава го поддржува испраќањето борбени авиони во Киев, но дека допрва треба да се бара консензус меѓу земјите од НАТО.
ВАТИКАН - Папата Франциск денеска рече дека војната во Украина е „апсурдна и сурова“ и повика на прекин на огнот и преговори, два дена пред првата годишнина од руската инвазија врз соседната земја, која почна на 24 февруари 2022 година. За време на неговото обраќање, Франциск ја нарече „тажна годишнина“ и рече дека е „близок со маченичкиот украински народ“.