Финска и Шведска одат во НАТО „рака под рака“, вели финскиот претседател

Финскиот претседател Саули Ниинисто

Финска и Шведска одат „рака под рака“ кон членството во НАТО, но одлуката за ратификување на апликациите за двете земји е кај Турција, изјави на 22 февруари финскиот претседател Саули Нинисто.

Шведска и Финска аплицираа за приклучување кон Алијансата минатата година откако Русија ја нападна Украина, но се соочија со негодување од страна на Турција.

„Продолжуваме рака под рака во однос на работите што се во наши раце“, рече Нинисто, но додаде: „Ратификацијата не е во наши раце“.

Сите земји членки на НАТО, освен Турција и Унгарија, веќе им дадоа зелено светло на двете земји за членство. Унгарија најави дека ќе го стори тоа наскоро, но Турција тврди дека Шведска не направила доволно за да ги смири турските безбедносни грижи.

Видете и ова: Ердоган: Турција позитивно гледа само на кандидатурата на Финска за НАТО

Унгарските пратеници ќе гласаат за кандидатурите за НАТО на Финска и Шведска на почетокот на март, според парламентарната агенда објавена на 22 февруари. Општата расправа за нивните кандидатури за членство ќе се одржи следната недела, а гласањето за секоја земја посебно ќе се одржи од 6 до 9 март, соопшти парламентот на својата веб-страница.

Турција на неодредено време го откажа трилатералниот механизам со Шведска и Финска за нивните обиди за влез во НАТО, откако Расмус Палудан, лидерот на данската екстремно десничарска политичка партија, запали копија од Куранот пред турската амбасада во Стокхолм во јануари.

Анкара сака Хелсинки и Стокхолм да заземат построг став против Курдистанската работничка партија (ПКК), која Турција и нејзините западни сојузници ја сметаат за терористичка група, и друга група која ја обвинува за обидот за државен удар во 2016 година. Во јануари, Ердоган рече дека е отворен за ратификување на апликацијата само на Финска.