Побарани мерки на претпазливост за вториот напаѓач на Пендиков

Софија - Османи и Милков во посета на секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ од Охрид, Христијан Пендиков

Основното јавно обвинителство Охрид побарало мерки на претпазливост за вториот осомничен за претепувањето на секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“, Христијан Пендиков во Охрид. Основното јавно обвинителство му предлага на Судот да изрече притвор за осомничениот битолчанец, кој денеска беше уапсен.

Како што соопштија оттаму, на 19 јануари, осомничениот, заедно со уште едно лице против кое веќе се води постапка и е поднесено обвинение, од омраза поради националната и етничката припадност нападнале еден оштетен кој се изјаснувал како Бугарин, го удирале со раце и нозе по главата и телото и тешко телесно го повредиле.

„Надлежниот јавен обвинител му предложи на судот на сега осомничениот да му ги определи следните мерки – привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање и забрана за употреба на лична карта за преминување на државна граница, како и обврска да се јавува повремено – на секои 7 дена на определено службено лице или кај надлежен државен орган“, соопштија од ЈО.

Видете и ова: Пендиков ќе добие привремено живеалиште во Бугарија

Како што посочуваат во соопштението, во тек е собирање докази за проверка на наводите изнесени во поднесената кривична пријава против осомничениот, за што, во својство на сведок, неопходно е да учествува и Пендиков.

„За правилно утврдување на фактичката состојба ќе биде неопходно и оштетениот да учествува во постапката пред обвинителството во својство на сведок. Со оглед на тоа, Основното јавно обвинителство Охрид ќе се обрати до надлежните органи во Република Бугарија за да ја обезбеди адресата на неговото сегашно престојувалиште“, велат од обвинителството.