„Ќе ја браниме секоја педа од територијата на НАТО“, рече американскиот претседател Џо Бајден на самитот на лидерите на источното крило на НАТО во Варшава. САД ќе продолжат да ја поддржуваат Украина додека ја брани нејзината слобода, додаде тој.
„Не се работи само за Украина, туку и за слободата“, нагласи Бајден.
Во изјава за новинарите, американскиот претседател рече и дека Владимир Путин „направи голема грешка“ со суспензијата на учеството на Русија во договорот за нуклеарно оружје со САД, откако рускиот парламент, вчера, ја потврди суспензијата.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг пак, изјави дека посетата на Бајден на Киев испратила „јасна порака“ дека САД се „цврсто посветени на безбедноста на Европа“. Тој посочи дека рускиот претседател Владимир Путин не се подготвува за мир, туку за нова војна и како резултат на тоа мора да се зголеми поддршката за Украина.
„Не знаеме кога ќе заврши војната, но кога ќе заврши, мораме да се погрижиме историјата да не се повтори“, рече Столтенберг, додавајќи дека не може да и се дозволи на Русија да продолжи да ја „еродира“ безбедноста на Европа.
На самитот учествуваат претседателите и премиерите на Бугарија, Романија, Унгарија, Словачка, Чешка, Полска, Латвија, Литванија и Естонија, а во фокусот на разговорите со Бајден и Столтенберг се зајакнувањето на источното крило на НАТО, на што се обврзаа САД по почетокот на војната во Украина.
Се очекува и заедничка декларација од самитот, а полскиот претседател Дуда нагласи дека посетата на американскиот претседател Бајден, прво неочекувано на Киев, а потоа и на Варшава, значи посета на целото источно крило на НАТО.